Вие сте тука

РСБСП со апел: Вози одговорно, вози одморен!

Месеците јули и август се резервирани за одмор, рекреација, долги и чести патувања во земјата и странство. Интензитетот на сообраќајот е во пораст, а со самото тоа се зголемува и бројот на сообраќајни незгоди и бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди. Една од најчестите причини за сообраќајни незгоди во летниот период е заморот. Токму затоа РСБСП постојано потенцира за потребата да се патува и да се вози одморен. Дилемата што секогаш се наметнува  меѓу возачите и што и понатаму останува е дали е побезбедно да се патува преку ден или преку ноќ. 

И едниот и другиот начин имаат свои предности и недостатоци, но сепак заклучокот е дека возењето преку ден е побезбедно од возењето ноќе. 

Денското возење носи бројни позитивни придобивки за безбедно учество во сообраќајот. Најголемата предност на денското возење е тоа што видливоста на патот е многу поголема, полесно   се видливи и полесно се перцепираат сите елементи кои влијаат на безбедноста во сообраќајот, полесно се идентификуваат потенцијалните закани, пречки и можните опасни ситуации во сообраќајот. Возењето во текот на денот е особено погодно за возачите кои користат оптички помагала (диоптриски леќи, очила).

Сите помошни и сервисни служби на патиштата во текот на денот се полесно достапни и многу полесно може да се снајдете во случај на несакана ситуација и во случај на потреба од помош и асистенција на пат. 

Она што е исклучително важно е  тоа што возењето преку ден не го нарушува нормалниот биоритам на возачите, што значи повеќе енергија за возење, поголема концетрација, поголема фокусираност во сообраќајот и полесно справување со заморот.

Сепак покрај предностите, возењето преку ден има и одредени недостатоци како што се:  зголемен интензитет на сообраќај, учество во сообраќајот на големи товарни камиони и работни машини,   гужва и метеж на бензинските станици, наплатните рампи за патарина и на граничните премини, а особено голема пречка за денското возење се високите температури карактеристични за летниот период од годината. 

Ноќното возење исто така си носи свои предизвици, предности и закани. За некои возачи ноќта едноставно носи мир, спокојство и концентрација. Најголема предност на ноќното возење е помалиот интензитет на сообраќај, намалениот метеж на граничните премини и на патарините.   Статистичките податоци покажуваат дека во текот на ноќта се случуваат помалку сообраќајни незгоди, но од аспект на последиците, сообраќајните незгоди случени во ноќни услови се со далеку потешки последици и се пофатални во однос на сообраќајните незгоди што се случуват во услови на ден и нормална видливост.  

Но, не смеете да заборавите на фактот дека ноќното возење значи и намалена видливост, значи напор и замор за лицата кои имаат и најмали пречки и недостатоци со видот, ноќното возење е  спротивно на нормалниот биоритам и предизвикува криза за спиење и деконцентрација кај возачите.

Имајќи ги предвид сите овие факти, РСБСП советува: Без разлика дали  патувате преку ден или преку ноќ, најважно е да патувате одморени. Секој возач кога патува на подолга дестинација треба да го планира и да го започне патувањето тогаш кога лично ќе се чувствува психофизички одморен и подготвен за патување. Сите пресметки од аспект на време на тргнување, време на пристигнување и други споредни фактори спротивни на личните потреби, подготвеноста и барањата на возачот,  може само дополнително да ја нарушат концентрацијата и способноста  за возење.

Патувајте одморени и подготвени, организирајте го патувањето спрема вашите лични афинитети. Важно е да се потенцира, искуствата и истражувањата покажуваат дека денското патување е поприродно и не ја нарушува секојдневната рамнотежа на организмот и со самото тоа возачките способности преку ден се посилно изразени.

Вози одговорно – Вози одморен!

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот

© 2018 rsbsp.org.mk | РСБСП E-mail
Developed by Kajgana Media