По повод меѓународниот ден на жената, на почетокот на месец март 2024 година, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност – Скопје, реализира кампања за 8 Март под мотото „Биди горда што возиш безбедно“. Кампањата се реализира со цел да се подигне свеста на жените-возачи за одговорно и безбедно возење, како и за нивно поттикнување да бидат пример за успешност во семејството, на работно место и во сообраќајот на патиштата. Кампањата се реализираше во Скопје, Гевгелија, Крива Паланка, Гостивар, Тетово, Кочани, Битола, Прилеп, Делчево, Велес, Струмица, Берово, Ресен, Кавадарци, Охрид, Неготино и др. На жените-возачи им беше поделен едукативно-превентивен материјал и беа потсетени на сообраќајните правила и прописи, како и на нивната улога во зачувувањето на безбедноста на сите учесници во сообраќајот на патиштата.