На иницијатива на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, на ден 31.01.2020 година се одржа работен состанок помеѓу претставници на РСБСП и претставници на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на патиштата на Република Србија. На состанокот присуствуваа: Претседателот на РСБСП м-р Гордана Кожуваровска, Секретарот на РСБСП Владимир Лазаров, Директорот на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на патиштата на Република Србија, Јасмина Милошевич, Светлана Миљуш- помошник директор и Слободан Карличич- асистент на директорот.
Целта на состанокот беше унапредување на меѓусебната соработка, размена на искуство и знаење со цел побезбеден сообраќај и помалку жртви на патиштата.
На заедничко задоволство беше одржана конструктивна работна средба на која беа поставени темелите на идната, верувам, плодна и успешна соработка. Двете страни покажаа отвореност и желба за соработка и во таа насока ќе потенцирам дека претставници на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на патиштата на Република Србија во наредниот месец ќе ја посетат нашата земја и официјално ќе биде потпишан меморандум за соработка.
Безбедноста на сообраќајот на патиштата е национален но истовремено и регионален но и глобален проблем и предизвик. Координиран заеднички пристап е неопходен со цел заеднички да одговориме на предизвикот наречен помалку сообраќајни незгоди и помалку загинати и повредени лица на улиците и патиштата. Согласно тоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Агенцијата за безбедност на сообраќајот на патиштата на Република Србија во наредниот период ќе пристапат кон поголема соработка со цел унапредување на стручните знаења, размена на стручна и едукативна литература, размена на видео и едукативни материјали, размена на искуства, знаења и добри практики, итн. Посебен акцент во соработката ќе биде ставен на заедничка реализација на превентивно едукативни активности во летниот период со цел едукација и заштита на сите учесници во сообраќајот кои во текот на летниот период престојуваат или транзитираат низ двете земји и пошироко, – истакна Претседателот на РСБСП м-р Гордана Кожуваровска по повод работната средба одржана во Белград со претставниците на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на патиштата на Република Србија.