Претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска и секретарот Владимир Лазаров, во Загреб, на 29.03.2022( вторник), остварија средба со нивните колеги од Хрватскиот автоклуб (ХАК). На работниот состанок, чии домаќини беа главниот секретар на ХАК, Жељко Мијатович, помошникот на главниот секретар, Синан Алиспахич и раководителот на сектор, Горан Баотич, се разговараше за актуелни теми од областа на безбедноста на сообраќајот во двете држави.
Од страна на домаќините беше одржана презентација за работата на ХАК, во која беа опфатени теми за безбедноста на патниот сообраќај, сообраќајната превенција која ја спроведува ХАК, системот за оспособување на кандидатите за идни возачи, спроведувањето на возачките испити и континуираното усовршување на инструкторите на возачите почетници.
Во своето обраќање, претседателката на РСБСП, ги запозна присутните со работата на Советот како советодавно тело, кампањите и активностите кои континуирано ги спроведува во текот на целата година.Таа ја истакна важноста од ваквите заеднички средби и размената на искуства. Посебно е важна информацијата која ја добија во врска со едукацијата на кандидатите за возачи во Република Хрватска , аудиовизуелното снимање на полагањето на возачки испит, како и брзото издавање на возачките уверенија и возачки дозволи.
Двете страни, РСБСП и ХАК, констатираа дека имаат иста заложба и програма за работа, чија цел е намалување на жртвите од сообраќајните незгоди, едукација на децата од предучилишна возраст, како и учениците од основните и средните училишта.