Во рaмките нa кaмпaњaтa зa пoгoлемa безбеднoст нa пешaците вo сooбрaќaјoт, неделава започнуваат активности насочени кон повозрасните граѓани, како посебна ранлива група во сообраќајот.
За таа цел денеска во општина Горче Петров, на најфрекфентната улица „Ѓорче Петров“, беа поделени флаери со едукативно-информативна содржина.
-Целта на денешната акција е да им поделиме едукативни флаери со кои што ќе ги едуцираме пензионерите како учесници во сообраќајот. Кампањата за едуцирање на пешаците како ранлива категорија на учесници во сообраќајот започнува денес, но во наредните денови на територијата на цела Македонија ќе реализираме низа едукативни предавања кои ќе имаат за цел да ја подигнат свесноста кај овие учесници во сообраќајот, истакна претседателот на РСБСП Стојче Стаменковски.
Тој упати апел до пензионерите на себе да носат флуроцентни елечиња со цел да ја подигнат сопствената видливост во сообраќајот, но исто така и возачите да обрнат поголемо внимание.
– Во моментов се наоѓаме на најфрекфентната улица во општината, која во минатото се покажа како една од најкритичните улици во општината Ѓорче Петров, но и во Скопје и затоа оваа акција ја почнуваме токму на оваа улица, истакна градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски.
– Од денеска во општината Ѓорче Петров започнува обележување на сите пешачки премини, а целата сигнализација ќе биде проверена. ЈСП денеска активно се вклучува со учество на оваа кампања. Преку подигнување на јавната свест за безбедноста на пешаците се зголемува безбедноста и на сите учесници во сообраќајот. Денеска заедно со волонтерите од Црвениот крст во автобусите на ЈСП ќе се делат флаери со промотивен материјал за подигнување на јавната свест за безбедноста, подвлече директорот на ЈСП Игор Јанушев.
Од денеска во наредниот период, на улиците во Скопје ќе се движи автобус кој што ќе биде специјално дизајниран и брендиран за оваа кампања, во кој на дисплеите ќе кружат пораки кои ќе имаат за цел да ја подигнат свеста на патниците.