Вие сте тука

Општествено одговорни возачи – за помалку изгубени млади животи на патиштата во Република Македонија

Грижата за младите возачи и нивното однесување во сообраќајот секогаш е во центарот на вниманието на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Со оглед на фактот дека тие се најранливи учесници во сообраќајот, најнеискусни, а воедно категорија учесници која најмногу сака да докаже и најмногу греши, овие совети и статистички податоци ѝм се наменети токму ним.   

Сообраќајните незгоди претставуваат водечка причина за смртност кај младите луѓе, според податоците на СЗО. Младите лица на возраст до 29 години се вклучени во 25% од вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди. Годишно, во светот, околу 400 000 млади луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди или поточно, секој ден околу 1100 млади лица го губат животот во сообраќајни незгоди. 

Слична и алармантна е состојбата и во Република Македонија. Според податоците за 2017 година, вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди е 155, од нив, 36 се на возраст до 24 години, а околу 2.100 лица на оваа возраст настрадале, односно се повредени во сообраќајни незгоди.

Ваквата статистика неминовно го наметнува прашањето: Зошто младите се неодговорни во сообраќајот?

Со самото стекнување возачка дозвола, секој млад човек се здобива со минимум потребни знаења и вештини за управување со моторно возило. Mеѓутоа, младите возачи често забораваат на фактот дека со текот на времето возачките вештините се усовршуваат, а знаењето и познавањето на правилата и прописите сѐ повеќе се продлабочува.

Една од најголемите грешки што ја прават младите возачи е нивното чувство на сезнаење и неприкосновеност, односно потценување на опасностите во сообраќајот и игнорирање на неискуството.  

Секој искусен и добар возач е внимателен, ги почитува сообраќајните правила и прописи, не вози пијан, ги почитува правилата за ограничување на брзината, способен е да ги предвиди сите опасности, закани и предизвици во сообраќајот. Искусниот возач не потпаѓа под влијание на околината и друштвото и има изградено позитивен пристап кон возењето, возачите и сообраќајот.

Од друга страна, младоста создава притисок, желба за докажување, склоност кон ризикување и сето тоа го прави младиот возач опасен. Беснеејќи со своите автомобили по улиците, младите денес сѐ почесто во сообраќајот гледаат место за престиж и место за докажување статус и моќ во друштвото. Секојдневно гледаме моќни автомобили паркирани на тротоари, на пешачки премини и на велосипедски патеки, без да се размисли за безбедноста на пешаците и на велосипедистите. Никој не е засегнат од своето однесување. Тоа што младите сакаат да ја покажат својата моќ и неуништивост, без никаква потреба и на начин што е апсолутно несоодветен за совесна и за одговорна личност, тоа ги прави ранливи - жртви во сообраќајот.

Токму затоа, РСБСП постојано ги потсетува младите возачи: За да бидеш добар и безбеден возач, покрај возачки вештини и познавање на сообраќајните правила и прописи, потребни се карактер, свесност и стабилност. Возачката дозвола е доверена одговорност од семејството и од општеството, а обврска на секој млад возач е да ја оправда укажаната доверба. Почитувањето на сообраќајните правила и прописи, не е право на избор, туку задолжителна обврска. Сообраќајот не простува грешки!

Најголем број од сообраќајните незгоди се случуваат во лето и тогаш црната статистика нагло се зголемува. Само со висока свесност за одговорно учество во сообраќајот и максимална дисциплина и почитување на сообраќајните правила и прописи, ова лето може да биде едно од најубавите лета за секој од вас. Лето исполнето со љубов и со многу летни авантури.

Младост без лудост! Ова лето, живеј го животот среќно, „вози“ ја младоста безбедно, лудоста оставија ја надвор од автомобилот.

 

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот

© 2018 rsbsp.org.mk | РСБСП E-mail
Developed by Kajgana Media