Вие сте тука

Нова кампања на РСБСП – „Разбуди ги позитивните навики во сообраќајот!“

Пролетта е годишно време на будење, позитивно расположение и промени, а Разбуди ги позитивните навики во сообраќајот е слоган под кој Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, ќе ја претстави и ќе ја реализира новата пролетна едукативна кампања за одговорно учество во сообраќајот и за почитување на сообраќајните правила и прописи.Кампањата ќе се реализира во четири тематски фази и ќе биде насочена најпрво кон едукација на возачите, а потоа и кон подигнување на сообраќајната свест за безбедно учество во сообраќајот на пешаците, мотициклистите и велосипедистите - категории ранливи учесници во сообраќајот. Во неа, освен едукација преку социјалните и електронските медиумите, ќе се организираат и јавни настани, преку кои учесниците во сообраќајот ќе се запознаат со опасностите со кои се соочуваат во сообраќајот и ќе добијат совети како истите да ги надминат.

Почетокот на пролетта е период кога интензитетот на сообраќајот постојано се зголемува, а со тоа се зголемува и учеството на ранливите категории во сообраќајот и бројот на сообраќајни незгоди во кои тие се учесници. Токму поради тоа, тие се главниот фокус на кампањата за будење на позитивните сообраќајни навики во сообраќајот.

„Намалување на бројот на загинати - пешаци, велосипедисти и мотицклисти е цел поставена во Втората национална стратегија за унапредување на безбедност на сообраќајот на патиштата. Оваа цел, сама по себе, претставува јасен предизвик не само за РСБСП, туку и за сите останати надлежни институции за подигање на безбедноста во сообраќајот на ниво достојно секој поединец слободно и без страв да учествува во сообраќајот. Во таа насока, РСБСП, неколку години по ред, реализира вакви или слични едукативни активности.“ – велат од РСБСП.

„Разбуди ги добрите сообраќајни навики: успори малку – вози одговорно, не претрчувај на пешачки, внимавај со твојот велосипед... се дел од пораките кои ќе бидат комуницирани во рамки на кампањата“. Интересни, директни и доволно јасни и прецизни за да предизвикаат брза реакција и во истиот момент да влијаат на оние со лоши навики во сообраќајот. Согласно сообраќајната статистика, во 2017 година, на патиштата во Република Македонија, животот го загубиле 34 пешаци, 5 велосипедисти и 7 мотоциклисти. Бројот на загинати велосипедисти и мотоцклисти е намален за 50% во споредба со 2016 година, а бројот на загинати пешаци е ист. Согласно овие показатели, минатата година ранливите категории учесници во сообраќајот, таргет на оваа кампања, учествувале со околу 30% од вкупниот број жртви на патиштата.

И овој пат, апелот што РСБСП го упатува до сите учесници во сообраќајот е да ги разбудат позитивните навики и да бидат позитивен пример за останатите учесници во сообраќајот. Истовремено, РСБСП потсетува дека, почитувањето на сообраќајните прописи е најважното правило во сообраќајот.

 

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот

© 2018 rsbsp.org.mk | РСБСП E-mail
Developed by Kajgana Media