,,Намали ја брзината, зголеми ја сообраќајната култура”, е мотото на настанот кој се одржа на 8 Март, Меѓународниот ден на жената пред платото на Скопје Сити Мол. Во присуство на Државниот секретар при Министерството за внатрешни работи, Магдалена Несторовска и Претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска, а во соработка со Скопје Сити Мол и Здружението Љубители на класик мини и Пежо 404, настанот имаше за цел да испрати јасна порака, дека жените се безбедни возачи, кои поретко се вклучени во сообраќајни незгоди со фатални последици.
Катерина Кесторовска – капетан инструктор на боинг 737, Јасмина Атанасова – Симјаноска – оџачар, Макфире Шаќири – возач на автобус во ЈСП, Ива Матиќ – пилот на комерцијален авион и пилот на хеликоптер, се дел од жените на овој настан, кои им доловија искуства на присутните, како е да се има професија која во минатото носеше епитет машка професија. Кристина Стојановска, Анѓела Тргачевска Зорица Димовска, Елсаади Гарели, Сања Антониевиќ, Моника Томовска и Ивана Величковска, Марија Лазарова се дел од жените – шофери кои зедоа учество во Дефилето со моторцикли и моторни возила, кое се одржа во чест на празникот на жената.,,Сведоци сме на стереотипи кога се во прашање жените вклучени во сообраќајот, но тие стереотипи се погрешни. Статистиките покажуваат нешто сосема поразлично – жените се многу поодговорни возачи, помалку агресивни и со поголемо ниво на сообраќајна култура”, порачаа од РСБСП. Претседателката, Гордана Кожуваровска, со апел до сите жени, побара тие да дадат свој личен пример за одговорно однесување во сообраќајот и во издигнување на безбедноста на сообраќајот на повисоко ниво.