Пред нас е продолжен, убав и сончев викенд. Убавото време ги раздвижува сите од најмал до најстар и ги охрабрува да прошетаат во природа или да се повозат со своите велосипеди или мотори.
Во прилог на возачите на мотоцикли, воедно и на сите учесници во сообраќајот, а со цел безбедно управување со нив, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во периодот кој следи, ќе објавува текстови со совети за безбедно учество на мотоциклистите во сообраќајот.
Прво и најважно е одржувањето на мотоциклот. По зимскиот период, треба да се направат следниве основни проверки на мотоциклот за претстојната сезона:
- Сменете го маслото и филтерот и проверете ја течноста за ладење на моторот.
- Исчистете го или заменете го филтерот за воздух.
- Проверете ги сопирачките, течноста во сопирачките (глицеринот), проверете дали се добро подмачкани или дали се потрошени.
- Проверете го притисокот на воздух во гумите и проверете ја дебелината на шарата на гумите.
- Проверете го и наполнете го акумулаторот.
- Прегледајте ги конзолите и подмачкајте го синџирот.
- Проверете ги сите светла/сијалички.
- Проверете дали гаста, кумплугот и сопирачките функционираат правилно.
Откако сите овие проверки ќе бидат завршени и ќе бидете сигурни дека сѐ е исправно и во функција, можете да се препуштите на возењето и на новите летни авантури.
ВАЖНО: Задолжително користете заштитна опрема, особено кацига и почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, со посебен акцент на правилата за ограничување на брзината!