11 мај, од 2015 година, во светот традиционално се празнува како „Ден на културата во сообраќајот“. И РСБСП секоја година се приклучува кон активностите за одбележување на овој значаен ден со цел подигнување на свеста на сите учесници во сообраќајот за законско, етичко и толерантно однесување, со што ќе се постигне и поголема безбедност на сообраќајот на патиштата.
Секој учесник во сообраќајот со своите сфаќања, со движењето и начинот на однесување во сообраќајот директно влијае врз одвивањето и безбедноста на сообраќајот на патиштата. Притоа, се мисли не само на поседување на вештини за управување со возило, или на познавање на законските правила и прописи, туку и на нивното безусловно почитување и примена. Ваквото позитивно перцепирање на односите во сообраќајот е основната нишка на сообраќајната култура која треба да ја поседува секој учесник во сообраќајот без оглед дали станува збор за пешак, возач на моторно возило, патник, велосипедист, мотоциклист итн.Сообраќајната култура е дел од личноста на човекот и претставува одраз на неговиот карактер и како човек и како учесник во сообраќајот, а се воспоставува уште од најраната возраст. Токму затоа РСБСП посебно внимание посветува на реализацијата на активности наменети за најмладите со цел нивно запознавање со сообраќајот, сообраќајните правила и прописи, како и со одговорното и совесно однесување во сообраќајот, со што ќе се овозможи тие да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот на патиштата. Во таа насока е и континуираната соработка со воспитно-образовните институции во реализацијата на бројни кампањи и активности за издигнување на сообраќајната култура на повисоко ниво со што се создаваат услови за изградба на систем на општествени вредности во кој безбедноста во сообраќајот, културата и етиката во сообраќајот ќе заземат соодветно и значајно место.
РСБСП и во иднина ќе продолжи да реализира превентивно-едукативни кампањи затоа што повисокото ниво на сообраќајна култура е основен предуслов за побезбеден сообраќај, односно за намалување на сообраќајниот метеж, намалување на бројот на сообраќајни незгоди и настраданите лица во истите.
Затоа, на Денот на културата во сообраќајот, РСБСП упатува апел:
„Да го почитуваме секој учесник во сообраќајот, да бидеме внимателни, одговорни и толерантни, и преку сопствениот пример да придонесеме за развивање на културата и безбедноста во сообраќајот.“