Сообраќајните незгоди и опасноста која ги демне учесниците во сообраќајот секојдневно, ја наметнуваат потребата од засилени и сестрани активности на сите надлежни институции со цел намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.
Согласно тоа, а со цел унапредување на процесот на управување и контрола на сообраќајот на патиштата, МВР и РСБСП во изминатиот период реализираа соработка од која плод е донација на техничка опрема – професионални батериски ламби за потребите на сообраќајната полиција.
Техничката опрема наменета за потребите на сообраќајната полиција беше промовирана од страна на Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Д-р Оливер Андонов и Претседателот на РСБСП М-р Стојче Стаменковски. Донацијата се состои од 35 батериски ламби со вредност од 300 илјади денари кои ќе бидат наменети за потребите на униформираната сообраќајна полиција.
„Примената на современата техничка опрема во процесот на управување и контрола на сообраќајот на патиштата значително ќе ја зголеми ефикасноста на работата на сообраќајната полиција и ќе го зголеми обемот и квалитетот на извршените контроли и проверки од страна на полицијата. РСБСП и МВР и во минататото се пример за исклучителна меѓуинституционална соработка и поддршка која ќе продолжи и понатаму. Зајакнување на капацитетите на сообраќајната полиција е стратешка цел на МВР, но и еден од приоритети од втората национална стратегијата за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Оваа донација е мала, но доста значајна за МВР и Бирото за јавна безбедноста.“ – истакна Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, д-р Оливер Андонов потенцирајќи дека соработката со РСБСП ќе продолжи и во наредниот период на сите ниво и во повеќе области.
„РСБСП остварува одлична соработка со сите надлежни институции, а посебно соработката со Министерството за внатрешни работи е силна и постојана. Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, РСБСП има обврска дел од своите средства да ги намени за модернизација на опремата за сообраќајната полицијата. Во таа насока денес ви ги презентираме батериските ламби кои Министерството за внатрешни работи ценеше дека ќе им бидат потребни како техничка поддршка при контролата на сообраќајот и на учесниците во него. Денешната донација значи поддршка во зајакнување на капацитетите на униформираните полицајци и треба да биде помош за решавање на секојдневните ситуации со кои се соочуваат тие, судирајќи се со предизвикот да спасуваат човечки животи, да ја подобруваат безбедноста на сообраќајот на патиштата, а истовремено да работат законски и да ги почитуваат основните човекови права.“ – истакна Претседателот на РСБСП во своето обраќање.
Двете страни заеднички констатираа дека безбедноста во сообраќајот и понатаму останува стратешки приоритет на сите инситуции во Македонија и упатија апел до граѓаните за безбедно и одговорно учество во сообраќајот и за почитување на сообраќајните правила и прописи.