Вие сте тука

Пијаните возачи – закана за безбедноста во сообраќајот за време на празниците

Во пресрет на празничните денови, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со потсетување до возачите за предвидените законски санкции за пијаните возачи и за  влијанието на алкохолот врз способноста за управување со моторно возило. Следејќи ги искуствата од минатите години и навиките на возачите во периодот на новогодишните и божиќните празници, забележуваме дека бројот на возачи кои управуваат моторно возило под дејство на алкохол се зголемува.

Возењето во алкохолизирана состојба е една од водечките причини за предизвикување сообраќајни незгоди со загинати и со повредени лица. Многу крв и солзи се пролеват на улиците и патиштата, многу човечки животи згаснуваат, а многумина се здобиваат со трајни телесни повреди,  како последица на сообраќајни незгоди предизвикани од пијани возачи.

Фактот дека е период на празници, време на веселби, прослави, After Work забави итн. не ги ослободува возачите од обврската да управуваат моторно возило под дејство на алкохол. Напротив,  ова е период во кој возачите треба да ја покажаат на дело својата свесност и совесност. Возењето под дејство на алкохол е криминален и нехуман чин, спротивен на цивилизациските вредности на современото општество. 

Нова Година и Божиќ е еднаш во годината и сите сакаат да ги поминат овие денови во позитивна атмосфера и во друштво со најблиските, најсаканите и најдрагите. За безбедни и весели празници, РСБСП ги потсетува возачите секогаш да имаат на ум дека:

  1. Алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности на возачите и ја намалува нивната способност за брзо и за ефикасно дејствување во случај на непредвидени ситуации и закани во сообраќајот.
  2. Алкохолот делува на централниот нервен систем и ја намалува способноста за рационално расудување и способноста за препознавање на ризиците и на заканите во сообраќајот.
  3. Лицата во алкохолизирана состојба, особено младите лица, се склони кон преземање ризик и кон агресивно однесување во сообраќајот. Епилогот од таквото однесување во сообраќајот, најчесто е сообраќајна незгода со фатални последици.
  4. Според ЗБСП, возачот не смее да управува со возило во сообраќај на патот, ниту да започне да управува со возило, ако е под дејство на алкохол. Под дејство на алкохол се смета лице за кое ќе се утврди дека содржината на алкохол во крвта изнесува повеќе од 0.50 г/кг.
  5. Возач-почетник не смее да управува со возило, односно да започне управување со возило, ако во организмот има алкохол повеќе од 0,09 г/кг. Ова значи дека толеранцијата за алкохол за возач-почетник е приближно еднаква на 0 –„нула“. Возач-почетник со алкохол во крвта до 0.50 г/кг ќе се санкционира со 200 евра, односно ќе му се регистрираат 40 негативни бодови и забрана за управување со возило од 3 месеци.
  6. Возењето под дејство на алкохол се казнува со 225 евра, односно 40 негативни бода доколку возачот има 0.51-1.00 г/кг алкохол во крвта и забрана за управување со моторно возило од 3 до 6 месеци.
  7. Со глоба од 275 евра  или 50 негативни бода, ќе се санкционира возач кој има алкохол во крвта од 1.01 до 1.50 г/кг, заедно со забрана за управување возило од 6 до 9 месеци.
  8. Со глоба во износ од 325 евра, односно 55 негативни бода, се санкционира возачот со 1.51-2.00 г/кг алкохол во крвта, како и забрана за управување возило од 9 до 12 месеци.
  9. Возачот кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 2.01 г/кг или повеќе ќе биде казнет со глоба во износ од 375 евра, односно 60 негативни бода  и забрана за управување возило од 12 месеци.
  10. Возачот кој ќе одбие да биде алкотестиран за утврдување алкохол во организмот ќе биде казнет со глоба од 500 евра, односно ќе му се регистрираат 65 негативни бода и забрана за управување возило од 12 месеци.
  11. Полицискиот службеник на самото место привремено ќе му ја одземе возачката дозвола и ќе го исклучи од сообраќај возачот за кој ќе се утврди дека е под дејство на алкохол. Ако постои основано сомнение дека возачот ќе продолжи со вршење на прекршокот, полицискиот службеник може возачот да го задржи во полициска станица до отрезнување, најдолго до 12 часа.
  12. Во патнички автомобил, на предното седиште не смее да се превезува лице кое очигледно е под дејство на алкохол. Глоба во износ од 35 евра, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода на возач кој не ја почитува оваа одредба од ЗБСП.
  13. Лицето кое учествувало во сообраќајна незгода, не смее да зема алкохолни пијалоци, опојни дроги, психотропни супстанци и лекови за кои е означено дека не смее да се употребуваат пред и за време на возењето, додека не се изврши увид.

Анализите покажуваат дека сообраќајните незгоди предизвикани од возачи кај кои е потврдено присуство на алкохол во организмот, најчесто завршуваат со смрт или со тешки последици по здравјето на поединецот. Во овие случаи, нивната реакција е забавена, перцепцијата е намалена, возат брзо и агресивно, а можноста за реакција за амортизација и за намалување на последиците од сообраќајната незгода е сведена на минимум.

РСБСП со апел: Возете одговорно! Не консумирајте алкохол доколку возите или не возете доколку консумирате алкохол. Возењето и алкохолот, едноставно - не одат заедно.

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот

© 2018 rsbsp.org.mk | РСБСП E-mail
Developed by Kajgana Media