Вие сте тука

“Пешаците и нивната безбедност во сообраќајот” – Тркалезна маса на РСБСП

Во рамки на одбележувањето на „Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди“ во  организација на РСБСП, во хотелот Континентал се одржа тркалезна маса на тема „Пешаците и нивната безбедност во сообраќајот“ . Одржувањето на овој значаен настан за РСБСП има цел да се сврти вниманието на сите надлежни институции и организации и на пошироката општествена јавност кон пешаците и нивната безбедност во сообраќајот и да се поттикне активна имплементација на мерки за поголема безбедност на пешаците во сообраќајот, но и да се влијае и на свеста и совесноста на пешаците како учесници во сообраќајот.

Анализите на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата,  покажуваат дека најчести причини за сообраќајни незгоди во кои страдаат пешаците се брзото возење во населени места, алкохолизираните возачи и пешаци, несоодветната сообраќајна инфраструктура, несоодветната видливост на пешаците во сообраќајот и учеството во сообраќајот со одвлечено внимание, како од возачите така и од пешаците.                     .                 

На тркалезната маса присуствуваше и се обрати Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, д-р Оливер Андонов кој истакна дека, за жал, бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди во Македонија е голем и во првите девет месеци годинава изнесува 122 загинати лица , од кои 25 (една четвртина) се пешаци и потенцира дека ваквите застрашувачки бројки се еден од мотивите за организирање на тркалезната маса.

„Репресивните мерки не секогаш придонесуваат кон резултати и потребно е да се превземат многу активности кон сите категории граѓани за намалување на последиците. Сепак, безбедноста во сообраќајот е лична одговорност на секој од нас како поединци“ - рече Андонов. Тој посочи дека Македонија со новиот Закон за безбедност на сообраќајот создаде услови за намалување на бројот на сообраќајни незгоди во кои учествуваат пешаците, особено со намалувањето на брзината на движење во населени места од 60 на 50 километри на час.

Претседателот на РСБСП, м-р Стојче Стаменковски  истакна дека пешаците се најголема и најранлива категорија на учесници во сообраќајот и  дека секоја година на патиштата во светот 270 илјади пешаци ги губат животите во сообраќајни незгоди, што претставува околу 22 проценти од вкупниот број загинати лица на патиштата. Решенијата за поголема безбедност на пешаците во сообраќајот треба да произлезат од една сериозна анализа на сообраќајните незгоди во кои страдат пешаците,  односно преку  анализа на условите, околностите, времето и динамиката на сообраќајните незгоди во кои страдаат пешаците како и преку анализа на главните  причини и  фактори од кои зависи безбедноста на пешаците во сообраќајот -  истакна Стаменковски,  потенцирајки дека очекува од тркалезната маса да извлечеме заклучоци и препораки за тоа кои мерки ќе бидат  имплементирани во наредниот период и како да ги  зајакнеме националните и локалните капацитети за спроведување на мерките за поголема  безбедност на пешаците во Република Македонија.

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот

© 2019 rsbsp.org.mk | РСБСП E-mail
Developed by Kajgana Media