Денес Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност ‒ Скопје, започна со спроведување на Новогодишна кампања за среќна и безбедна 2025 година.
Во оваа насока, на подрачјето на Градот Скопје, претседателот на РСБСП м-р Горан Ангеловски заедно со Министерот за внатрешни работи г-дин Панче Тошковски, деканот на Факултетот за безбедност – Скопје д-р Јонче Ивановски, како и полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје, реализираа активности од кампањата кои се состоеjа од делење на превентивно-едукативен материјал и укажување на возачите на важноста од почитување на правилата и прописите во сообраќајот, особено за време на претстојните новогодишни и божиќни празници.
На возачите им се препорача да се воздржат од консумирање алкохол кога планираат да управуваат со моторно возило, а доколку консумираат алкохол да користат такси услуги или јавен превоз, да ја прилагодат брзината на движење на возилата според условите на патот, да користат сигурносен појас, да не користат мобилен телефон за време на управувањето со возилото и сл.
Со кампањата се упатува апел до учесниците во сообраќајот за одговорно учество во сообраќајот и внимателно возење за време на претстојните празници, почитување на сите категории учесници во сообраќајот, како и за поголема сообраќајна култура со цел постигнување на повисоко ниво на безбедноста во сообраќајот на патиштата.
Во оваа прилика, РСБСП на сите учесници во сообраќајот на патиштата им ги честита новогодишните и божиќните празници и им посакува безбедна 2025 година.