Вие сте тука

Driving through Macedonia

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата во соработка со Министерството за внатрешни работи и останатите партнери, на граничниот премин Табановце, ја промовираше кампањата „Driving through Macedonia“ која е составен дел од акцијата насловена како „Летна кампања 2015“. Оваа кампања има цел да ги информира странските возачи кои престојуваат или минуваат низ Република Македонија за специфичните сообраќајни правила и прописи, за условите на патиштата и условите во сообраќајот во Република Македонија, како и да испрати пораки и совети за нивно внимателно и одговорно однесување во сообраќајот.

На настанот присуствуваа Претседателот на РСБСП, м-р Стојче Стаменковски и министерот за Внатрешни работи, Митко Чавков, кои делеа флаери со информативна содржина на странците кои влегуваат во земјава. „Флаерите се на англиски јазик. Имаат скица на Република Македонија и скица на патиштата за да ја прилагодуваат брзината на возење според условите на истите. Сметаме, дека и оваа кампања ќе даде соодветен придонес во безбедносните состојби на патиштата. Со овие кампањи бележиме доста успеси. Само за илустрација, во првата половина од 2015 година имаме значително намалување на сообраќајните несреќи со смртни последици. Оваа година има 60 случаи со смртни последици, за разлика од лани кога имаше 71 случај“- кажа Чаков.

Министерот потенцира дека и понатаму ќе работат на подобрување на безбедноста во сообраќајот, посебно на коридорите 8 и 10, кои имаат поголема фрекфенција на патници, а флаери ќе бидат поделени на сите гранични премини.

„Целта на кампањата е подобрување на безбедноста на странските туристи кои транзитираат во Република Македонија и подигнување на нивната свест за учество во сообраќајот. Во оваа прилика сакам уште еднаш да упатам апел до странските туристи, но и до домашните возачи внимателно да се однесуваат во сообраќајот, да ги почитуваат правилата и прописите и одговорно да управуваат со своето моторно возило“- вели Стојче Стаменковски, претседател на РСБСП.

Индикаторите за безбедноста во сообраќајот на патиштата укажуваат на фактот дека во летниот период, за време на годишните одмори, во услови на зголемена сообраќајна фреквенција и високи температури, се зголемува ризикот за влошување на безбедноста во сообраќајот на патиштата. Ваквите состојби ја поттикнуваат потребата за преземање на една широка и сеопфатна акција за подобрување на безбедноста во сообраќајот на патиштата во овој период од годината. Во рамките на акцијата „ЛЕТНА КАМПАЊА 2014“, освен кампањата “Driving through Macedonia”, ќе се реализираат повеќе активности  од страна на повеќе државни органи и институции, како и организации и здруженија на граѓани кои се насочени  кон сите  учесници во сообраќајот.

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот

© 2019 rsbsp.org.mk | РСБСП E-mail
Developed by Kajgana Media