На традиционалниот новогодишен брифинг-појадок со новинарите, кој се одржа на 25.12.2025 во Скопје, претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), м-р Горан Ангеловски, им изрази искрена благодарност на медиумските работници за досегашната соработка, истакнувајќи ја нивната улога како рамноправен и значаен партнер во работата на Советот.

Во рамки на настанот кој беше во формат на работен брифинг, претставниците на медиумите беа информирани за активностите што РСБСП ги реализираше во текот на изминатата година, со посебен осврт на кампањите и превентивните мерки насочени кон унапредување на безбедноста во сообраќајот на патиштата.

Истовремено, беа презентирани и плановите и приоритетите на Советот за наредната 2026 година, кои вклучуваат продолжување и унапредување на едукативните активности и кампањи, засилена соработка со институциите и медиумите, како и нови иницијативи за подигнување на јавната свест за сообраќајната безбедност.

Претседателот Ангеловски на новинарите им посака среќни празници и успешна Нова година, со порака дека партнерската соработка со медиумите продолжува и во Новата 2026 година, со заедничка визија – поголема безбедност на патиштата и заштита на животите на сите учесници во сообраќајот.