Вие сте тука

РСБСП со апел: Пешаците често страдаат во сообраќајни незгоди, бидете внимателни!

Статистиката покажува дека пешаците, особено повозрасните пешаци, и понатаму остануваат една од најранливите и најзагрозените групи учесници во сообраќајот.

Од 25 до 30 % од вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди, се пешаци. За жал и покрај тоа што спаѓаат во групата на ризични и ранливи групи на учесници во сообраќајот, пешаците се истовремено и најнедисциплинирани учесници во сообраќајот. Пешаците  учествуваат во сообраќајот реализирајки ги своите секојдневни активности и главниот проблем е тоа што кај пешаците недостасува чувство дека и тие се активни учесници во сообраќајот и дека и за нив важат сообраќајни правила и прописи кои мораат да ги почитуваат. Пешаците се најмасовна и најранлива група учесници во сообраќајот, а истовремено и најмалку контролирана и најмалку санкционирана.

Исто така,  може да се каже дека и возачите не ги почитуваат пешаците како рамноправни и ранливи учесници во сообраќајот, и за жал последицата од таквиот пристап е од 30 до 35 загинати пешаци во сообраќајни незгоди  просечно  годишно,  при што повеќе од 50 % од загинатите пешаци се возрасни лица над 60 години.

За безбедно преминување на улицата потребно е максимално и целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и од страна на пешаците и секако и од страна на возачите.

За жал, секојдневно можеме да видиме пешаци како поминуваат улица надвор од пешачки премин, на црвен пешачки семафор, како се движат помеѓу две коловозни ленти, помеѓу возила во движење, но и пешаци кои воопшто не ги следат случувањата во сообраќајот поради мобилниот телефон или слушањето музика. Непотребно и долго задржување на коловозот е редовна појава, особено од страна на повозрасните пешаци.

Ваквото однесување на пешаците во сообраќајот резултира со голем број загинати и повредени лица. Тоа не значи дека и кај возачите нема одговорност и вина. Напротив, црната статистика е последица на непочитување на сообраќајните правила и прописи, како од пешаците така и од возачите.

Согласно тоа, РСБСП со потсетување: Обврска на возачите е да се движат со особено внимание секогаш кога се приближуваат кон пешачки премин, да ја намалат брзината и да ги прoпуштат пешаците на пешачкиот премин, но тоа никако не значи дека пешаците имаат апсолутно право на првенство на минување. Напротив, пешакот е должен да ја помине улицата на пешачки премин откако ќе се увери дека тоа може да го направи без да го загрози безбедното одвивање на сообраќајот, односно откако ќе се увери дека возилата што се движат на коловозот се во можност безбедно и навреме да застанат. Непочитување на ова правило од страна на возачите и на пешаците е најголема причина за сообраќајни незгоди во кои страдаат пешаците.

Лична одговорност, свест и совест, сообраќајна култура, толеранција и максимално почитување на сообраќајните правила и прописи од страна на секој учесник во сообраќајот, е единствениот начин да се намали бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди. Во спротивно, за жал, порано или подоцна, директно или индиректно ќе ги почувствуваме последиците од неодговорното учество во сообраќајот.

 

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Контакт формата на веб страницата служи исклучиво за поднесување електронски пораки и контакт со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Податоците испратени преку неа, како име и презиме, e-mail, телефон за контакт и содржина на пораката служат исклучиво за контакт со испраќачот на пораката и нема да бидат споделени со трети лица.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот