Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во рамките на Законските надлежности и Програмските активности за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во 2016 година, а согласно мерките и инструментите од Втората национална стратегија на Република Македонија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата 2015-2020, на 25 јануари 2016 година, организираше тркалезна маса на тема:
„УНАПРЕДУВАЊЕТО НА СООБРАЌАЈНАТА ИНФРАСТРУКТУРА-ФАКТОР ЗА ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА
На тркалезната маса, со воведни излагања, земаа учествуво: Заменик Председателот на Владата на Република Македонија, м-р Владимир Пешевски, Државниот секретар на МВР, г-ѓа Анастасија Илиоска, Директорот на Агенцијата за патишта, г-дин Александар Стојанов и Претседателот на РСБСП, м-р Стојче Стаменковски.
Со стручни излагања на темата учествуваа: Доц. д-р Зоран Јошевски, Доц. д-р Горан Мијоски и Доц. д-р Даниела Колтовска Нечоска.
Со вклучување во дискусиите и изнесување свои идеи и предлози, учествуваа и претставници од повеќе институции во Република Македонија, претставници од академската заедница и експерти во областа на патната инфраструктура и сигнализација.
Заклучоци и препораки
Од сите заклучоци и согледувања, кои произлегоа од дискусиите на оваа тркалезна маса, а кои се во функција на унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, посебно ги издвојуваме следниве:
- Патната инфраструктура е важен елемент кој влијае врз безбедноста на патниот сообраќај, и поради тоа, неопходно е континуирано мапирање и рангирање на безбедноста на патиштата, како и преземање на мерки кои ќе бидат во функција на подобрување на критичните делници,
- Безбедноста на патиштата треба да се следи според воспоставени индикатори и EURO RAP методологијата,
- Системски приод од страна на сите чинители и инволвирани страни, со што би се создал ефективен систем за унапредување на безбедноста на сообраќајот,
- Поддршката од Владата на Република Македонија, во делот на изградба на патна инфраструктура, е многу битен елемент за унапредување на безбедноста на сообраќајот.Покрај вложувањето и инвестициите за изградба на патна инфраструктура, многу битен сегмент претставува и квалитетно и постојано одржување на постоечката патна мрежа,
- Да се редефинира методологијата и да се усвојат нови стандарди за мерење и евалуација на рамноста на коловозите на патиштата,
- Потребен е засилен ангажман околу мерењето на рефлектирачките карактеристики на хоризонталната и вертикалната сигнализација, со цел нејзино квалитативно подобрување,
- Да се набави лабораторија за следење на состојбата на коловозните површини,
- Неопходно е носење на техничка регулатива,со чија помош ќе се следи состојбата на коловозните површини,
- Да се формира Банка на податоци за индикаторите на состојба на коловозните површини,
- Да се имплементираат научните сознанија во управувањето со патиштата,
- Потребна е поголема контрола при технички прием на градските сообраќајници,
- Планирањето и проектирањето на сообраќајниците силно влијаат врз безбедноста на сообраќајот,
- Ревизија на сообраќаен проект, од аспект на безбедност, значително ќе придонесе за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата,
- Евидентно е непочитување на инженерските мерки и сеуште доминираат застарени концепти во делот на планирањето и проектирањето,
- Да се подобри законската регулатива во делот на страничната прегледност на крстосниците (триаголници на прегледност),
- Воведување на ИТС технологија во делот на проектирањето, планирањето и регулирањето на сообраќајот,
- Да се донесе Правилник и Регулатива во делот на проектирање на кружни крстосници и турбо кружни крстосници,
- Имплементација на ИТС во делот на сообраќајната сигнализација на автопатиштата во Република Македонија,
- Координативното тело на Владата на Република Македонија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, да побара, од сите надлежни институции, Акционен план за сите активности кои произлегуваат од Втората национална стратегија за безбедност на сообраќајот, и со истиот да ја запознае Владата на Република Македонија,
- Сообраќајната култура и индивидуалната свесност на сите учесници во сообраќајот, значително влијаат за зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, и затоа, РСБСП треба и понатаму да продолжи со активностите во делот на подигање на јавната свест за оодгворно учество во сообраќајот, со посебен акцент на ранливите категории учесници,
- Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите, со цел да обезбеди поголемо почитување и примена на ЗБСП, како најзначаен фактор за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата,
- Техничкиот факултет од Битола, ја реафирмира обврската на МВР за создавање База на податоци-национален систем за евиденција на сообраќајните незгоди и последиците од нив, како важен елемент за управување со безбедноста на сообраќајот на патиштата и воедно, понуди веќе изготвен софтвер кој би одговорил на овие потреби.
Ги охрабруваме локалните заедници, да продолжат да ги реализираат активностите кои ги преземаат за подобрување на патната инфраструктура, наменета за ранливите групи учесници во сообраќајот, а пред сè да продолжат да се залагаат за обезбедување на велосипедски и пешачки патеки кои ќе бидат одвоени од коловозот, и за истите да пропишат регулатива за нивна изградба, во сорaботка со МТВ.