Смрт и крв на патиштата! Сообраќајна незгода, несреќа, судбина… недостаток на свест и одговорност, лоши возачи, лоши закони, лоша инфраструктура…… од сѐ по нешто, а епилогот е многу крв, многу загубени човечки животи, голем број лица со трајни телесни повреди, уништени семејства, огромни материјални загуби.
„Удрен пешак во населбата Аеродром“, „Удрено девојче на булеварот Партизанска“, „7 годишно дете жртва во сообраќајна незгода“, „Сообраќајна незгода со повеќе повредени лица“, „Сообраќајна незгода со жртви“, „Возач излетал од патот“, „Пијан возач удри велосипедист“… се насловите и сликите кои за жал, на некој начин, станаа дел од нашето секојдневие. Неминовни се загрижувачките разговори меѓу граѓаните: „..што е ова што се случува на улиците?“, „…уште еден пешак удрен на пешачки…“, „Уште една жртва во сообраќајка…“, но веќе наредниот ден повторно нов случај и нови повредени лица на улиците и патиштата.
Се поставува прашањето: „Дали само кога зборуваме за сообраќајот и за жртвите во сообраќајот, сите се совесни и одговорни возачи, а откако ќе седнат зад воланот, забораваат на сериозните, фатални и ненадоместливи последиции?“
Во Република Македонија, на годишно ниво, животот во сообраќајни незгоди го губат околу 160 лица, а повеќе од 6000 лица се повредени. Би рекле дека бројките се загрижувачки, но не станува збор за бројки, туку за човечки животи и семејни судбини.
За волја на вистината, сообраќајните незгоди не се само проблем на Република Македонија. Според податоците на Светската здравствена организација, на светско ниво, годишно околу 1.3 милиони луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 50 милиони се здобиваат со повреди како последица на сообраќајна незгода. Голем број од загинатите и од повредените се деца и млади. Многумина сообраќајните незгоди со право ги нарекуваат „епидемија“ или „црна чума“ на 21 век.
Свесни за овој проблем, Обединетите Нации ја прогласија декадата 2010-2020 како декада за безбедност на сообраќајот на патиштата а третата недела од месец ноември ја прогласија и секоја година се одбележува „Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди.
По повод „Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди“, 19 ноември, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до сите надлежни институции да ја издигнат безбедноста на сообраќајот на патиштата на врвот на агендата на дејствување, но исто така, апелира до секој поединец – учесник во сообраќајот, да покаже повисоко ниво на свест, одговорност и будност во сообраќајот.
Да не ги прифаќаме сообраќајните незгоди како нужно зло и да не се доведеме во ситуација да се плашиме да чекориме по улиците, да стравуваме дали децата безбедно ќе стигнат до своите училишта, дали безбедно ќе ја преминат улицата, да не стравуваме од секој нов ден и од она што тој ќе донесе…
Секојдневно добиваме впечаток дека возачите, особено младите, не го ценат животот. Без размислување притискаат на педалата за гас, возат пијани, не користат безбедносен појас и се добива впечаток дека ниту казните, ниту црните судбини не допираат до нив.
Денес настрадал еден, утре друг, трети ден – трет… кој знае кој сѐ не. Сите ние сме потенцијални жртви.
РСБСП по повод „Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди“ порачува: „Секој учесник во сообраќајот да размисли за сопствената одговорност за тоа што ни се случува во сообраќајот и да се праша дали со својот начин на однесување во сообраќајот може да го загрози сопствениот живот или пак до го загрози или повреди животот на некој друг“!
Во рамките на „Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди“, РСБСП уште еднаш потенцира дека секоја жртва на патиштата претставува огромна и ненадоместлива загуба за општеството и за семејството. Општеството губи лица кои не го дале целокупниот свој општествен придонес, додека семејството губи блиска и драга личноста, , чија што прерана загуба за членовите на семејството значи дека за нив згаснува светлината на животот, среќата и насмевките во тој момент заминуваат, а останува празнината која на никој начин не може да се надополни.
„Одбележувањето на ‘Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди’ има цел да допре до свеста на секој поединец: да се поттикне сериозно да размислува за сопствената одговорност во сообраќајот, за грешките што можеби и несвесно ги прави, за промените што треба да ги направи, почнувајки од себе. Само така, секој поединечно, може да придонесе сите да се чувствуваат сигурни и безбедни зад воланот, на улицата, на тротоарот, на велосипедската патека….“, потенцираат од РСБСП.