Панел дискусиите на вториот ден од Првата меѓународна конференција за безбедност на сообраќајот на патиштата ги отвори г. Мирко Гигов од АМСМ, кој даде краток вовед во iRAP програмата.
АМСМ е официјален член на iRAP и EuroRap програмата од 2008 година и лиценциран претставник на истите за Република Македонија. iRAP е непрофитна организација која во партнерство со владини и невладини организации од целиот свет врши оценување на високоризичните патишта и развива инвестициски планови за безбедни патишта, обезбедува технологија и поддршка за градење и одржување на националните, регионалните и локалните капацитети, како и мерење на патните перформанси со што овозможува инвеститорите да ги проценат бенефициите од своите инвестиции. Тој истакна дека интензивните соработки со релевантните институции, кои придонесуваат за безбеден сообраќај и креирањето законски предуслови за редовно спроведување на Програмата, пред и по секоја реконструкција и рехабилитација на патната мрежа во Република Македонија и понатаму ќе продолжи. Г.Гигов понатаму посочи дека мисијата на iRAP е да креира свет без високо ризични патишта преку оспособување на другите да ги користат нејзините алатки и технологија низ целиот свет.
„Пациентите не нѐ бираат нас, ние ги бираме нив со тоа што сме ја одбрале оваа професија која што мора да ја водиме многу совесно бидејќи секоја наша грешка може да ги чини живот“ – истакна професор д-р Камиловски на втората панел дискусија. Тој во својата презентација ги презентираше најчестите повреди при сообраќајки и кои делови од телото најмногу страдаат. Најчести повреди се повреда на карлица и вратни пршлени, како и повреда на белите дробови, повреди на витални делови од телото кои се предуслов за смрт кај повредениот. Повредите се водечки причини за смртност на младата популација, а најчести причини се брзината, заморот, алкохолот и употреба на мобилен телефон додека управуваме со моторно возило.
На прво место како најголем причинител и ризик-фактор кој влијае врз предизвикување сообраќајни несреќки со смртни последици, е факторот човек.
Во светот дневно животот во сообраќаајни несреќки го губат 3400 луѓе, односно секојдневно умираат мажи, жени и деца кои никогаш нема да се вратат во своите домови.
На панел дискусијата д-р Камилоски одговори на повеќе прашања на присутните меѓу кое и на прашањето дали докторска грешка може да чини живот и потенцираше дека не постои доктор кој нема да стори сѐ што е во негова можност за да спаси човечки живот.