Освен основните проверки на мотоциклот, секој возач или совозач треба да поседува опрема која треба да ја носи секогаш кога се вози на мотоцикл.
Заштитната опрема го покрива секој дел од телото на човекот, а во зависност од повредите кои можат да настанат таа во себе содржи и поцврсти материјали или воздушни перничиња за заштита и амортизација на ударот. Во заштитна облека спаѓаат:
Кацига
Основно и неизбежна е заштита на главата, без разлика за колку кратка или долга релација за возење се работи, без разлика дали ви е жешко или не. Бидејќи и самите производители на кациги знаат за нејзината важност и неопходност при управувањето со мотоцикл, тие постојано го подобруваат квалитетот од кои се прават кацигите, заштитните стакла или наочарите, како и маските со пропуст на воздух. Затоа, без изговори. Кацигата штити од фатални повреди или од најлошото-смрт. Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата , казна за неносење на кацигата за возач изнесува 50 евра во денарска противвредност, а истото важи и за совозачот, односно за лицето кое се превезува на мотоциклот.
Заштитно одело
Заштитното одело најчето го носат возачите- мотоциклистите кога одат на подолги патувања или кога учествуваат во натпреварувања, односно трки. За љубителите на градското возење или за оние кои возат на пократки релации, важно е да носат појас околу половината за заштита на бубрезите и повреда на кичмата, а во склоп со него неизбежна е и специјално изработената јакна која штити од повреди, но и од студ, ветер, дожд…
Заштитни ракавици
Ги штитат рацете од повреди и од студ, а воедно не дозволуваат лизгање на раката од рачките на мотоциклот.
Заштитни обувки
Исто како и заштитните ракавици, штитат од премрзнување на прстите, од механички повреди, а воедно изработени се така што на ногата и даваат дополнителна стабилност врз предалите од мотоциклот.
За секој дел од телото, постои посебна заштита и многу е важно материјалите од кои се изработени да се со висок квалитет, а воедно и да може самата опрема да се користи во лоши временски услови, а тоа да не се одрази врз здравјето на оние кои се превезуваат на мотоциклот.
Уживајте во возењето на отворено, впивајте ја сончевата енергија, но секогаш внимавајте и облечете се согласно правилата кои важат во „дрес кодот“ на секој мотоциклист. РСБСП ви посакува среќен пат и безбедно да пристигнете до саканата дестинација.