Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) минативе неколку недели започна со реализација на низа трибини, на ниво на Република Македонија, насловени како „ Животот е во твои раце – Вози одговорно“. Посетеноста на овие трибини, интересот на присутните и огромниот број прашања, ни дадоа на знаење дека на многумина од младите возачи-почетници не им е јасно кои се обврските на еден возач.
Со цел да им помогнеме, одговорите на нивните прашања и дилеми да им станат појасни, тимот на РСБСП реши да ги издвои главните членови од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои се наменети за возачите почетници.
Генерално, право за управување со моторно возило, според член 235 од Законот, може да има лице кое ги исполнува следниве услови:
– да наполнило 18 години возраст,
– да е здравствено и психофизички способно да управува со моторно возило,
– да има завршено најмалку основно образование,
– да положило возачки испит за управување со моторно возило од
определена категорија и
– со одлука на надлежен државен орган да не му е забрането управување
со моторно возило.
Сепак, меѓу лицата кои имаат право да управуваат моторни возила, има една под-група на возачи, кои имаат посебни обврски. Тоа е катеогријата возач-почетник, дефинирана во самиот Закон како:
„Возач-почетник е секој возач на моторно возило во период од две години по добивање на возачката дозвола, независно дали дозволата ја добил во Република Македонија или во странство. Возач-почетник е и возач на моторно возило во периодот од две години по добивањето на возачката дозвола од одредена категорија, независно дали поседува возачка дозвола за друга категорија.”
Така на пример, кај поискусните возачи постои ниво на толеранција за конзумација на алкохол, а возачот-почетник, според член 234, став 3 од Законот, не смее да управува со возило, дури и ако постои најмала индикација дека конзумирал алкохол, или пак, покажува знаци на алкохолна растроеност.
Исто така, возачот-почетник, со член 240 од Законот, е лимитиран во однос на:
- Моќноста на возилата кои ги вози;
- Брзината со која управува со возилото;
- Делот од денот во учествува во сообраќајот.
Во однос на моќноста на возилото, возач-почетник кој поседува возачка од „А“ категорија – дозвола за управување со моторцикл – моторциклот не смее да биде помоќен од 25 киловати. Ако има возачка дозвола од „Б“ категорија – дозвола за управување на автомобил – тој не смее да управува автомобил помоќен од 77 киловати. Доколку возачот-почетник постапува спротивно на овие правила, тој ќе биде казнет со глоба од 200 евра во денарска противвредност.
Од друга страна, тој не смее да вози побрзо од 60 km/h на јавен пат, 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила или 100 km/h на автопат, иако тоа е дозволено за поискусните возачи.
Веројатно, најинтересната одредба за сите возачи-почетници, е одредбата која го ограничува нивното управување со моторно возило во одредени итервали од денот. Имено, според член 240, став 2 од Законот, возач-почетник:
„Не смее да управува со возилото во патниот сообраќај во периодот од 23 часот до 05 часот наутро, освен ако со него во возилото се наоѓа лице (возач) постаро од 25 години, на кое не му е изрекувана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило.“
РСБСП апелира до возачите-почетници, да ги почитуваат горенаведените сообраќајни правила, како и сите други правила кои ги наложуваат законите и сообраќајната култура.
Запомнете, правилата постојат за да се воведе ред во сообраќајот и да се намалат ризиците и жртвите кои произлегуваат од несовесното однесување и учество во сообраќајот.