Сите деца на светот заслужуваат да добијат шанса да пораснат и да бидат она за што тие сонуваат. За да им се исполнат соништата сѐ што треба да им обезбедиме е среќно, безгрижно и безбедно детство.
Ние, возрасните, секојдневно се обидуваме на секој можен начин да ги заштитиме нашите деца од опасностите кои ги демнат (од струја, да не паднат, да не се повредат, да не се изгорат, да не се разболат…), а една од најголемите опасности и еден од најсериозните проблеми со кои се соочуваат нашите деца секојдневно и од кој најмногу треба да сме исплашени и да се потрудиме да ги заштитиме е сообраќајот. Безбедното учество во сообраќајот е предизвик со кој се соочува секое дете, а соочувањето со овој предизвик се учи од најмала детска возраст.
Децата не се секогаш доволно вешти и не секогаш знаат и можат да проценат како да се однесуваат во сообраќајот и кога, каде и како да ја поминуваат улицата. Без надзор од возрасен и без соодветно познавање на сообраќајните правила, децата може за секунда да се најдат во опасност. Согласно светските статистики, голем дел од настраданите во сообрајќајни незгоди се деца, а уште повознемирувачки е фактот дека 54% од настраданите пешаци се исто така деца.
Зачувување на безбедноста на децата во сообраќајот е глобален проблем кој директно не засега сите нас. Не можеме да го игнорираме фактот и да гледаме од страна додека премногу деца ги губат своите животи на патиштата и со тоа се лишени од можноста да ги следат нивните соништа.
И Во Македонија, најмногу страдаат децата пешаци и децата-патници кои се превезуваат во автомобил, а при тоа не се заштитени со сигурносен појас или не се уредно сместени во детското седиште. Во продолжение РСБСП укажува на некои факти кои треба да ги знае секој родител и секој учесник во сообраќајот:
1.Најранлива група учесници во сообраќајот на патиштата се пешаци, велосипедисти и мотоциклисти со околу 50% повреди и смртност во случај на сообраќајна незгода.
2. Седиштата во автомобилите наменети за деца и бебиња може да ја намалат смртноста кај децата до 50% а кај бебињата и до 70%.
3. Со правилна употреба на сигурносен појас се намалува ризикот од смртност во сообраќајот за 51%.
4. Со секое намалување на брзината од 1км/ч го намалувате ризикот од незгода во сообрајќај за 2%.
Со цел да се намалат овие застрашувачки бројки а имајки ги во предвид изнесените факти, РСБСП потенцира и потсетува дека постојат многу инструменти, методи и начини кои се дозволени и се достапни на сите , а кои служат да ги спасат невините детски животи. Еден од најважните начини кој воедно има и најголема и најважна улога во развојот и во заштитата на детето од опасностите со кои може да се соочи на улиците е соодветното сообраќајно образование (како да се однесуваат во сообраќајот, кои се нивни права, а кои обврски, кои се сообраќајните знаци, како се поминува на пешачки премини…). Едукацијата за сообраќајот започнува од најрана возраст, според истражувањата од 2 годишна возраст, почнувајќи уште во предучилишните групи во градинките, а потоа и во училиштата. Второто инструмент, начин, кој е наменет за возрасните, а ги штити децата е воведување построги закони и казни за непочитување на правилата и прописите во сообраќајот. Со помош на овие преземени мерки, многу развиени земји ја имаат намалено бројката на повредени или загинати деца за 50% во изминативе 25 години.
Безбедноста на децата во сообраќајот е приоритет на РСБСП за што потврдува и фактот дека РСБСП континуирано се ангажира за едукација на децата за безбедноста во сообраќајот но и едукација на возрасните, родителите, старателите. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во наредниот период, преку низа активности кои ќе бидат спроведени во сите основни и средни училишта низ републикава, ќе продолжи да ги реализира започнатите активности и преку нив да се доближи до остварување на зацртаните цели, а тие се намалување на бројот на настрадани деца во сообраќајни незгоди и заштита на децата во сообраќајот преку нивна едукација и едукација на нивните родители за побезбедно учество во сообраќајот.